СЕ НАДЕВАМ ДЕКА ЌЕ БИДАМ ДОВОЛНО ДОБАР ДА ИЗВЛЕЧАМ НЕРЕШЕНО СО СТИНГ, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ЗА КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопје ќе биде единствениот град во којшто Стинг ќе настапи на стадион на својата претстојна светска турнеја насловена „Мои песни“, гордо најави организаторот на концертот „Авалон продукција“, кој со настанот на 2 јуни прави и еден голем личен исчекор.

Малкумина светски ѕвезди досега имаат свирено на стадионот „Тоше Проески“, но овој би можел да донесе и рекордна посетеност, но и да го насочи идното делување на „Авалон“.

„Ова е нашиот најамбициозен проект досега, бидејќи само уште Џејмс Браун и Сантана од овој тип на музика имаат свирено на овој стадион, но и тоа беше на една трибина. Минатиот концерт на Стинг го распродадовме за само неколку часа и тоа нè поттикна сега да се обидеме со стадион под етикетата ‘Скопје колинг‘. За овој концерт доаѓа комплетната продукција што ја опслужува главната бина на фестивалот ‘Егзит‘ и тоа е истата продукција со која сме ги работеле концертите на ‘Ајрон мејдн‘, Ејми Вајнхаус и Моби во Белград, па сè ќе биде на највисоко светско ниво. Реално, очекуваме посета меѓу 25.000 и 30.000 луѓе, затоа што нема гратиси, не се делат карти на сите страни, а и ова е одбрана музика“, изјави сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошевски.

Концертот на Стинг ќе го отвори Влатко Стефановски со неговото ново трио, единствениот во Македонија, според Милошевски, кој е достоен за вакво нешто. Колку и самиот да е големо име, Стефановски не ја крие својата возбуда што за првпат ќе ја дели сцената со Стинг.

Мило ми е што ова се случува и се гледа дека Скопје порасна во многу сегменти. Мојата историја со Стинг трае долго. Ги имам гледано ‘Полис‘ во Лондон, па и Стинг во Минхен во 1985, а имав можност и да соработувам со некои негови блиски соработници. Се приближуваме еден кон друг, ама бавно. Се надевам дека ќе имам можност да го запознаам на барем пет минути и да му ги пренесам моите комплименти за инспирацијата што ми ја дал. Има многу ѕвезди во шоу бизнисот, но малку музичари. Стинг е голем музичар и музикант, многу е посветен на музиката и заслужува огромен респект. Сакам да се навратам на еден од ретките натпревари што сум ги гледал на Градски стадион, со Англија, кога нè победија на чуден начин. Тогаш доживеав неверојатна возбуда, затоа што сите знаеме што значи Британија и во фудбал и во рокенрол, така што се надевам дека сега ќе извлечам нерешено со Стинг“, кажа нашиот гитарски виртоуз.

Г. КОНЕВ