„СЕТСТЕТ“ И „ФАЈТИНГ ВИНДМИЛС“ ЗАЕДНИЧКИ ГО ИЗВЕДУВААТ ТЕРИ РАЈЛИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонските џез групи „Сетстет“ и „Фајтинг виндмилс“ вечерва ќе ги здружат своите таленти во рамките на Скопско лето, на концерт посветен на Тери Рајли, американски композитор и пионер на современата минималистичка музика.

Како изгледа тоа, можеше да се чуе пред година и пол во кино Фросина, кога членовите на двата бенда за првпат свиреа дело од 83-годишниот Рајли.

Вечерва на репертоарот ќе биде композицијата „Во Ц“, која се состои од 53 кратки мелодиски фрагменти, па публиката добива впечаток како целиот концерт да е една песна.

„Овие делови можат слободно да се интерпретираат од секој изведувач, при што се внимава на тоналниот центар. Музичарите притоа се охрабруваат да ги почнуваат своите делници во различно време, со што се гради уникатна хармонија и се дава можност за оригинално толкување на композицијата“, се вели во најавата на концертот.

Концертот ќе се одржи во Сули Ан во Скопска чаршија, со почеток во 22 часот, а билет чини 200 денари.