„ШПАНИЈА ВО СРЦЕТО“ СО ЃОРЃИ ДИМЧЕВСКИ И МАКЕДОНСКАТА ФИЛХАРМОНИЈА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Виртуозот на виолина Ѓорѓи Димчевски, кој повеќе од една година е концерт-мајстор на Националниот оркестар на Шпанија, вечерва (20 часот) ќе свири со Македонската филхармонија, на концертот насловен „Шпанија во срцето“.

Диригент е Рикардо Касеро од Шпанија, а ќе се изведат: Симфониската рапсодија „Шпанија“ од Емануел Шабрие, Интродукција и рондо капричиозо од Камиј Сен-Санс, Цигански напеви оп. 20 од Пабло Сарасате и Симфонија бр. 1 во Д-дур („Титан“) од Густав Малер.

Филхармонијата најавува дека вечерва концерт-мајстор ќе биде Благоја Димчевски, професор на Конзерваториумот во Тулуз, кај кого учеле голем број македонски и светски виолинисти.

Ѓорѓи Димчевски од 2007 година е концерт-мајстор на Оркестарот на Валенсија, кој настапува во Палатата на уметностите на кралицата Софија, предводен од славниот диригент Лорин Мазел. Оттогаш се етаблира како исклучителен солист, камерен музичар, оркестарски музичар и професор по виолина.

На предлог на маестро Зубин Мехта, Димчевски доби покана да биде гостин концерт-мајстор на Израелската филхармонија за европската фестивалска турнеја, како и за турнејата во Јужна Америка.

Во 2015 година е назначен за професор по виолина на постдипломските студии за музичка интерпретација на Меѓународниот универзитет во Валенсија.

Димчевски е специјален гостин на последниот албум на славниот оперски пејач Пласидо Доминго. Свири на виолина „анџело де руб“ од Рим од 1750 година.