ШПАНСКИОТ ГИТАРИСТ РАФАЕЛ АГИРЕ ГОСТУВА ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА, ЌЕ ДИРИГИРА БИСЕРА ЧАДЛОВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

В четврток (14 март) од 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концертот „Поврзување“ со гостинот од Шпанија Рафаел Агире на гитара.

На програмата се Интермецото од операта на Џакомо Пучини, „Манон Леско“, Концертот за гитара и оркестар „Аранхуез“, кој е најпознатото дело на шпанскиот композитор Хоакин Родриго и Симфонија бр. 4, оп. 90 во А-дур „Италијанска“ од германскиот композитор Феликс Менделсон. Диригент е маестра Бисера Чадловска, која го диригира речиси целиот репертоар на сцената на Операта.

Рафаел Агире има освоено 13 први награди на значајни натпревари и настапувал во над 40 земји како солист. Минатата сезона имаше турнеја во САД, дебитираше во Кина, а настапи и со Прашката филхармонија, Филхармонијата на Монте Карло и со Националниот оркестар на Шпанија.