Штипското културно лето започна со оперски настан во уметничката галерија „Безистен“, каде што настапија францускиот сопран со македонско потекло, штипјанката Елена Голомеова, која долги години е една од главните оперски пејачки во Париз и Ница и нејзините сограѓанки, сопранот Виолета Арсовска и младата и надежна ученичка во СМУ „Сергеј Михајлов“, Сара Ефтимовска.
Токму операта „Палјачи“, што Сергеј Михајлов ја поставил во 1925 година како прва опера изведена во Македонија, била главната инспирација 36. издание на манифестацијата да се отвори со оперски арии.
„Секогаш кога настапувам во Македонија се чувствувам како дома, иако Франција веќе две децении ми е втор дом. Им благодарам на моите сограѓани и за приемот што ми го приредија“, рече Голомеова.
Таа не сакаше многу да зборува за нејзините планови ова лето, затоа што не знае какви ќе бидат условите овде, но и во Франција, со оглед на пандемијата.
На Штипското културно лето годинава се предвидени низа музички, театарски и ликовни настани.
Т. ЈОВАНОВСКИ