„Пасворд продукција“ го објави првиот концерт за оваа година, со кој го најавува 22. издание на фестивалот Таксират.

На 15 мај, во Скопје ќе настапи „Ин флејмс“, еден од најпопуларните европски метал бендови во изминатите децении, за кого ова ќе биде прво гостување во Македонија. Концертот ќе се одржи во Младински културен центар.

„Ин флејмс“ е формиран во 1990 година и ниеден од оригиналните членови веќе не е дел од бендот, па тој е предводен од пејачот Андерс Фриден, кој се приклучи на вториот албум. Групата се смета за еден од основоположниците на мелодичниот дет метал, но во меѓувреме доста го промени звукот. Последниот, 13. албум го објави минатата година.

Првите 300 билети веќе се продаваат онлајн по цена од 800 денари.