СИМОН ТРПЧЕСКИ ГО ОБЈАВИ ПРВИОТ САМОСТОЕН АЛБУМ ЗА БРИТАНСКИОТ „ЛИН РЕКОРДС“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

По проектот „Македонисимо“ и албумот со филхармонискиот оркестар „Јаначек“ од Острава, британската издавачка куќа „Лин рекордс“ денеска го објави првиот самостоен албум на Симон Трпчески. Насловен „Варијации“, македонскиот пијанист од светски глас на него изведува дела од Бетовен, Моцарт и Брамс.

„Убаво е кога убави нешта се случуваат и во вакви предизвикувачки времиња. Овој албум е снимен во февруари минатата година во една идилична атмосфера во Берлин, но со многу потешкотии поради бројните протоколи и ограничувања за патување. Албумот го нарековме ‘Варијации‘ и содржи не така често изведувани дела, дела од кои самите композитори биле инспирирани“, изјави Трпчески за Македонското радио.

По настапите во Лондон и Русе, Трпчески наредниот месец се враќа со рецитали во САД и ќе ги одржи презакажаните настапи со Кралскиот шкотски национален оркестар во Единбург и Глазгов. До крајот на овој дел од сезоната следуваат серијата концерти со Сиднејскиот симфониски оркестар, премиерите на „Македонисимо“ во Хрватска (Задар и Сплит) и во Северна Америка (Отава, Канада), како и повторни гостувања во Пјонгчанг и Чикаго, пренесе Здружението за култура и уметност КултурОп.