СКОПЈЕ ГО НЕМА САЕМ, НО ГО ИМА „ТАКСИРАТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Музичката ПИН конференција, која од утре до сабота ќе се одржува во киното „Фросина“ во Младински културен центар (МКЦ), е вовед во неколкудневната програма на 19. издание на фестивалот „Таксират“.

„Скопје го нема Саем, ‘Таксират’ го нема Саем, но Скопје го има ‘Таксират’“, рече Катерина Евго од „Пасворд продукција“.

На конференцијата, која промовира музичари, музички продуценти, менаџери, музички новинари, агенти за резервации, промотери, претставници од најголемите музички фестивали во Европа и активисти на невладини организации, ќе учествуваат над 60 артисти од Македонија и од Европа. Таа ќе трае до 2 декември, преку ден ќе има дебати и презентации, а концертите се главно од 21 часот.

„Таксират“ годинава се здружува со фестивалот на електронска музика „Десонанц“, па така концерти и настапи ќе потраат до 9 декември.

За разлика од минатите години, кога „Таксират“ завршуваше со една вечер со голем број артисти, овој пат, финалето е на 27 февруари 2018 година, со 3Д шоуто на германскиоте пионери на електронска музика „Крафтверк“ .

Во пресрет на 20 годишнината на фестивалот, организаторите одлучија да ги почестат музичките фанови , па сите концерти што ќе се одржат во рамките на конференцијата ќе бидат бесплатни.

Првата вечер, во МКЦ ќе можат да се слушнат австралиско-американскиот бенд „Лајрс“ и македонските „Палиндром“, по што следуваат два дена богата музичка програма со домашни и со странски бендови.

Меѓу другите, на сцената на МКЦ ќе се појават „Баба зула“ (Турција), „Визељ“, „Стреј догс“ (Србија), „Дебели прецједник“ (Хрватска), како и бројни македонски бендови („Киборг“, „Поган паган“, „Баклава“, „Културно-уметнички работници“…). Програмата ќе вклучи и техно и транс забави.

Организаторот го најави и камбекот на култниот македонски индастријал бенд „Киборг“, кој ќе го има првиот концерт по цели две децении, на 2 декември во МКЦ.

Евго, меѓу другото, кажа и за концертот на Дарко Рундек, на 7 декември во МКЦ, кога ќе го претстави специјалниот музичко-сценски перформанс „Апокалипса сега“, со кој слави 20 години од неговиот солопрвенец „Апокалипсо“.

„Првиот солистички настап на Рундек во Македонија беше токму со ‘Апокалипсо’, и токму во МКЦ на првиот ‘Таксират’. Се чини повеќе од соодветно е две децении од ‘Апокалипсо“ да се одбележи со о ексклузивниот концерт на Рундек“, додаде таа.

Б. НЕСТОРОСКА