СКОПЈЕ МЕ ЛЕЧИ И ТРЕБА ДА СЕ ПРЕПИШУВА НА РЕЦЕПТ, СЕ РАСПЛАКА НИНА БАДРИЌ НА КОНЦЕРТОТ ВО ФИЛХАРМОНИЈАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Нина Бадриќ ја испеа нејзината верзија на песната „Не кажувај либе добра ноќ“ на фантастичниот концерт во Филхармонијата во Скопје. Концертот беше еуфоричен од првата до последната песна.

Преработката на песната од Наско Џорлев е на браќата Тавитјан, а таа ја испеа на нивниот албум „Македонското срце чука во 7/8“ од 2012. Народната песна ја остави за бис, па се расплака додека фановите ја пееја заедно со неа. Видно среќна и возбудена поради топлиот прием од главно женската публика, Бадриќ рече:

„Вашата љубов ме лечи, поради неа сум жива. Скопје би требало да се препишува на рецепт“.

Се пошегува и со прашањето: „Би ме земал ли некој кај него дома? Знам да готвам, не сакам да пеглам, по цел ден можам да пеам“.

Фото: К. Попов

Низ нежните балади по кои е позната, како и по богатиот вокал, Бадриќ вметнуваше и брзи песни, а публиката беше на нозе и на едните и на другите. Испеа неколку преработки од Оливер Драгојевиќ, а најмногу изненади со уникатната верзија на „Скалинада“, за која рече дека ѝ била голема одговорност да ја испее среде Сплит. Ја испеа и „Странец во ноќта“ (Stranac u noći), која како дует преработка ја пееше со Масимо Савиќ.

Фото: К. Попов

„Ми го украдовте срцето и ме однесовте до небото и ѕвездите. Еден новинар неодамна ме праша зошто е убаво да си Нина Бадриќ. Не знаев што да одговорам, па по една минута се сетив и му кажав: ‘Поради количината на љубовта која ја добивам‘“, рече таа.

Концертот го организираше „Евентум“, а Нина доби два искрени биса за два големи хита, на кои публиката хорски ја придружуваше.

М. ЏАРОВСКА