Скопскиот џез фестивал, една од најдолговечните и најреномирани музички манифестации во Македонија, вечерва го почнува своето јубилејно 40. издание со програма која ќе изобилува со слободен џез и импровизации. За разлика од лани, кога некои концерти беа ексклузивно стримувани од далечни локации, годинашната програма ќе оди целосно во живо.

Фестивалот го отвора Матс Густафсон, шведскиот саксофонист и композитор со богати свиречки техники, кој има снимено стотици албуми како дел од разни проекти и соработки. Овојпат, тој ќе изведе специјален соло концерт. Густафсон ќе има уште два настапа до крајот на фестивалот на 24 октомври.

Во вториот дел од вечерта е концертот на австралиската басистка Линда Меј Хан О со уште тројца музичари. Таа е родена во Малезија, пораснала во Австралија, каде што го изучувала контрабасот, а денес живее во Њујорк. Самостојно има објавено пет албуми, а меѓу бројните соработки се издвојува онаа со легендарниот Пет Метини.

Двата концерта се во Националната опера и балет, а програмата почнува во 20 часот.