Стотици луѓе секоја година го искачуваат Монт Еверест, но наводно само 49-мина досега ја имаат комплетирано трката Шри Чинмој, долга 4.989 километри. Таа и официјално е најдолгата трка на светот, а учесниците вртат 5.649 кругови во исто маало во Њујорк.

Тркачите речиси два месеца трчаат повеќе од два маратона на ден, спиејќи помалку од пет часа од ноќ. Монотонијата им е еден од најголемите непријатели, зашто маршрутата е 883 метри бетонски тротоар околу средно училиште во населбата Квинс.

„Првата недела е доста предизвикувачка, особено за умот. Но, по некое време се навикнуваш. Мора да прифатиш дека секој ден ќе биде ист“, вели годинашниот победник Андреа Маркато од Италија.

Учесниците треба да истрчаат речиси 5.000 километри за 52 дена, односно во просек, 95 километри на ден. Тие трчаат или одат од шест часот до полноќ и во една сесија трошат околу 10.000 калории. Смеат да учествуваат само ултрамаратонски ветерани кои имаат истрчано шестдневни трки. Оваа година настапи само една жена.

Маршрутата е 883 метри бетонски тротоар околу едно средно училиште во Квинс (Фото: АФП)

„Тоа е тест на издржливост, сила, внатрешна посветеност и талент“, вели Сахишну Шчесиул, директорот на трката што ја востанови индискиот духовен водач Шри Чинмој.

Тркачите на 25. издание, кое почна на 5 септември, велат дека постигнувањето медитативна состојба е клучно за завршување на трката.

„Ако умот е фокусиран, немаш други мисли, грижи, стравови и сомнежи. Последните два круга бев целосно исклучен од телото“, вели 38-годишниот Маркато.

Тој ја заврши трката во неделата, по 43 дена трчање. За тоа време искинал 16 пара патики и ќе освои трофеј, но не и парична награда.