Концертот е распродаден! Сон на секој музичар.

Старата македонска навика карта да се купува во последен момент овојпат не упали кај многумина, а натписот залепен на билетарницата на Младински културен центар само потврди дека „Смат“ моментално е на врвот на играта. Она што беше замислено како промоција на новиот албум „Тие се насекаде“, објавен пред една година, се претвори во концерт на нивните кариери и му ги покажа на бендот вистинските размери на неговата популарност во Македонија.

Луто, жестоко, бескомпромисно, провокативно, а од друга страна, искрено и страсно, „Смат“ звучеше и одработи како вистински фестивалски хедлајнер, бенд кој знае да се однесува на сцена и кој ужива да комуницира со публиката. Резултат на таков близок заемен однос беше возбудлива атмосфера, каква што ретко сме доживеале во МКЦ, недостижна и за многу поголеми имиња кои имаат гостувано таму.

Концептот на фамилијарна поврзаност со фановите што го промовира „Смат“ дојде до израз и во стилски различниот избор на гостите и спојувајќи панк рок, хип хоп, хардкор и метал, успешно ја реализираше идејата за обединување на независната музичка сцена, со цел, како што рече фронтменот Ѓорѓи Иловски, да се присетиме на духот на Скопје од крајот на 1990-ите.

Обично, групите кои ја отвораат вечерта ја имаат најнеблагодарната работа, но салата беше полна веќе за „Последен удар“, а потоа раперите од „Зад аголот“ направија толкава гужва на бината, што немаше доволно микрофони за сите.

„Смат“ си го направи ќефот и по долго време ги врати на сцена своите идоли, македонските метал икони „Санаториум“, и нивниот краток настап, можеби, малку ја наруши енергијата на концертот, но доволен беше и самиот носталгичен момент.

Ова беше вечер на комплетен триумф на „Смат“. Време им е за поголеми сали.

ГОРАН КОНЕВ