СНИМИВ ЉУБОВНА ПЕСНА ВО МЕСЕЦОТ НА ЉУБОВТА, ВЕЛИ АНДРИЈАНА ЈАНЕВСКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Месецот на љубовта го започнувам со љубовна песна“, вели Андријана Јаневска за новиот сингл „Не биди тој“.

Пејачката, виолинистка и професорка ја промовираше новата балада со музика и аранжман од Александар Јовевски и со текст од Весна Малинова. Јаневска свири виолина во песната, а продуцент е нејзиниот сопруг Драган Гиновски-Гино, кој ги отсвире гитарите.

Во мај 2024, во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Јаневска беше промовирана во докторка на науки. Таа пред 11 години почнала да собира народни песни одејќи по селата во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора и ги собрала вкупно 109.

„Моето прво истражување беше во 2014. Во шестиот месец од бременоста со вториот син, во друштво на постариот син, кој тогаш имаше три години и мојата тогаш 75-годишна свекрва, тргнавме на неколкудневно патување во Тирана, каде што имав средба со преселници од Голо Брдо. Истата година го посетив Пустец во Мала Преспа. Следната година неколкупати бев во Призрен, каде што се сретнав со преселници од Гора. Следните три години бев уште неколкупати во Пустец, Туминец, Зрноско, Леска, Глобочени и други села. Потоа, откако ги снимив песните, следуваа уште пет години пишување и анализа со професорката Родна Величковска“, кажа Јаневска.

М. ЏАРОВСКА