Грејс Џонс донесе малку екстраваганција во Скопје, одржувајќи незаборавен концерт во Градски парк пред илјадници фанови. За 76-годишната американска музичко-модна икона со јамајканско потекло времето како да застанало, ама пред неколку децении, кога беше на врвот на популарноста. Нејзиниот алт вокал звучи моќно како некогаш, телото ѝ е еластично како на тинејџерка, а модните додатоци впечатливи и уникатни.

Концертот почна доста доцна и траеше доста кратко, а сѐ во меѓувреме беше воодушевувачки. По неколку одложувања, Џонс конечно излезе на сцената околу 23:15 часот со хитот „Nightclubbing“, што беше првата од многуте нејзини трансформации вечерта. Секоја песна беше шоу за себе, посебна точка, како чинови од една 80-минутна кабаре претстава.
Џонс пиеше вино, трпеливо се пресоблекуваше и постојано го менуваше изгледот, а преку своите најпознати песни ја однесе публиката во Париз, Њујорк, Јамајка, во црква и во ноќен клуб, како приказни од нејзиниот личен живот.

Откачена, оригинална, забавна и комуникативна, Џонс во еден момент се симна во публиката и додека се поздравуваше со фановите, го пееше рефренот на диско химната „Pull Up to the Bumper“.

Главниот спектакл го остави за крај, кога донесе хулахоп на сцената и со неверојатна леснотија непрекинато го вртеше на струкот повеќе од 12 минути, додека изведуваше продолжена верија на „Slave to the Rhythm“ и го претставуваше извонредниот придружен бенд.
Концертот, организиран од „Авалон“, го заврши во стилот на вистинска музичка дива, со соло изведбата на „La vie en rose“.
Г. КОНЕВ
Фото: К. ПОПОВ