СО КОНЦЕРТ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА МУЗИЧКАТА МЛАДИНА, НА 17 МАРТ СЕ ОТВОРААТ ДЕНОВИТЕ НА МАКЕДОНСКА МУЗИКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Фестивалот Денови на македонска музика се отвора на 17 март од 20 часот во малата сала на Филхармонијата. Ќе настапи Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија  „Саша Николовски – Ѓумар“ со кој ќе диригира 
Ангел Спироски.
Како солисти настапуваат: Мила Јаневска – сопран, Хелена Суша – сопран и Калина Христовска на перкусии
На програмата се дела од Стојан Стојков „Сумерски записи“, Јана Андреевска – „Мандала“, Гоце Коларовски – „Панаѓур“ и Тома Прошев – „Темпера 2“.
„Оваа година, отворањето на фестивалот е во знакот на најмладата генерација музички уметници, кои со својата свежина и креативен потенцијал внесуваат нови звучни перспективи во изведбите на современото творештво“, велат од Сојузот на композитори на Македонија (СОКОМ). Влезот е слободен.
Фестивалот се одржува по 48. пат до 8 април на три локации во Скопје: Филхармонија, Музеј на македонската борба и Национална опера и балет.
(Фото: Охридско лето)