СРБИНКАТА КОСОВАЦ ПОБЕДИ НА МУЗИЧКИОТ ФЕСТИВАЛ „АРТ ИН“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Андријана Косовац е добитник на Гран при на фестивалот за класична музика „Арт ин“, кој се одржа во Велес. Наградата „Томислав Димов“, пак, ја доби велешанецот Васил Богоевски. И двајцата свиреа на виолина.

Меѓународниот натпревар собра стотина учесници од Хрватска, БиХ, Србија и Македонија. Тие се натпреваруваа на повеќе инструменти, виолина, виолончело, хармоника, пијано, класична гитара, кларинет и труба, како и во соло пеење.

„Оваа награда е голем поттик за мене. Реално, наградата е само хартија, а многу поважно ми беше како се чувствував додека настапував, а во тоа успеав, пријатно ми беше на сцената“, рече Косовац, која е ученик во средното музичко училиште во Ниш и настапи со дела од Сибелиус и Кабалевски.

Од минатата година, „Арт ин“ доделува уште една награда, именувана по починатиот професор Томислав Димов. Годинава ја доби Васил Богоевски, кој настапи со дела од Сарасате и Бах.

Натпреварот се одржа на сцената на Велешки театар, а организатор е здружението „Арт ин орг“ од Кавадарци.

П. ПЕЧКОВ