СРПСКАТА ВЛАДА ГО ПРЕМЕСТИ ФЕСТИВАЛОТ ЕГЗИТ ВО АВГУСТ

Белград, (Б92)

Српската влада предложи одложување, а не целосно откажување на годинашниот Егзит.

Еден од најголемите музички фестивали во Европа требаше да се одржи од 9 до 12 јули, но српската премиерка Ана Брнабиќ препорача негово поместување во август, во услови кога фестивалите и музичките настани се откажуваат низ цел свет поради пандемијата на коронавирусот.

„Донесовме препорака Егзит да се помести во август, бидејќи очекуваме ситуацијата во Европа да биде целосно мирна тогаш“, кажа Брнабиќ.

Организаторите на Егзит ја поздравија одлуката за презакажување.

„Иако ова е одлична вест, бројни прашања остануваат отворени, пред сѐ, во кој формат ќе се одржи. Ако биде потребно, ние сме подготвени драстично да го намалиме капацитетот и да се ограничиме на домашната и на регионалната публика“, порачаа тие.