Триесет години, на „Суперхикс“ им успева да го веселат народот, а уште еден убав концерт, бендот одржа сношти во Скопје, кај салата „Расадник“ во рамките на „Културно лето Кисела Вода“.
Со концертот, „Суперхикс“, која настапувала низ цела Европа, прослави 30 години на сцената со верната публика.
Концертот на оригинален начин го најави актрерот Димитрија Доксевски- Докс од Драмски театар. Во сценариото кое го напишале тој и фронтменот на бендот Петар Младеновски-Пеце, Доксевски кажа дека „Суперхикс“ добил награда за најдобар млад бенд од „Ролинг стоун“ магазинот во 1996.
„Документарецот за нив, кој го снимаше еден од најјаките режисери Спајк Леброн Џонс, доби награда во Кан во 2008. Суперуникатните момци, ‘Сан Ремо’ ги нарече новите ‘Битлси’. ‘Стерн’ за нив ќе направи паралела дека се бендот кој работи толку напорно за да стигне до своите успеси веќе 30 години, како вредните политичари и вредниот работник на автопатот Скопје-Охрид“, рече актерот меѓудругото во шеговитата најава.
Весел народ од сите генерации, и оние кои растеле со бендот, и оние им се генерациски блиски, а и млади кои се родени додека „Суперхикс“ се развиваше, скокаа на „Оптимис-ка“, „Знам дека љуби“, „Песни глупави“, песната која ги одбележа на стартот и секако, хитот „Африка“.
Концертот траеше повеќе од три часа, и гостуваа поранешни членови на групата. Како прва гостинка, излезе Дани Димитровска, а бендот ги пречека и „Фолтин“, „21 век“, Мите Димовски, Камерниот оркестар од Битола, Гоце САФ, „Ред 18“ и српската група „Ја, Дека и Зека“.
Слушавме и песни од шестиот студиски албум на бендот „Сила и нервоза“. Слично како и во „Африка“, и насловната песна од новиот албум зборува за нашето живеење денес.
„Градот го опседнаа сељачишта, а вам ви благодариме што дојдовте во толкав број“, рече Пеце Младеновски, вокалот и басист во бендот.
Со одлично подготвен бенд, хитовите кои траат, расположената публика и добрата организација, „Суперхикс“ на најдобар начин ја прослави 30-ката.
Со манифестацијата „Културно лето“, кое траеше 4 вечери со разновидна програма, Општина Кисела Вода прослави 69 години.
М. ЏАРОВСКА