СВЕТСКАТА РЕГЕ И ХИП ХОП ЅВЕЗДА ШОН ПОЛ СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ НА 23 АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Големата светска реге и хип хоп ѕвезда Шон Пол доаѓа во Македонија и ќе одржи концерт на 23 август на стадионот на АРМ во Скопје.

Настанот е во организација на „Фјужн продакшн“ и на „Акаша букинг“ и тоа ќе биде единствениот настап на јамајканскиот музичар и продуцент во регионот во рамките на неговата светска турнеја.

Придружуван од својата група музичари и танчари, 45-годишниот Пол ќе пристигне во Скопје по концертот во Кардиф и оттука ќе ја продолжи турнејата во Азија.

Шон Пол е активен во музиката повеќе од 20 години и за тој период има објавено шест студиски албуми, а ново издание е најавено за оваа година. Осумпати беше номиниран за наградата Греми, што ја освои во 2004 година за најдобар реге албум.

Меѓу многубројните соработки со други музичари се истакнуваа онаа со „Клир бандит“ на песната „Rockabye“, која беше еден од најголемите хитови за минатата година, поминувајќи девет недели на врвот на британската топ-листа.

Картите за концертот ќе бидат пуштени во продажба денеска преку мрежите karti.com.mk, mktickets.mk и kupikarti.mk.