Влијателниот „Холивуд рипотер“ го оцени петтиот филм на најнаградуваниот македонски режисер Милчо Манчевски, „Бикини Мун“, како „импресивна медитација за процесот на создавање документарец“.

Во рецензијата на една од најреномираните американски филмски критичарки Дебра Јанг стои дека „’Бикини Мун’ на Милчо Манчевски, животворен филм што провоцира на размисла, оди по работ на експерименталната категорија, а ликовите се циничен филмски автор, либералка со меко срце и непредвидлива скитница која има скриено богатство. Филмот е елегантен, со њујоршка кул иронија, која лесно те вовлекува. Со допир час лесен, час тежок, наизменично трогателен, лажно циничен и безобразен, режисерот има целосна контрола на комплексниот материјал“.

Јанг пишува дека главна фасцинација во филмот е енигматичната Кондола Рашад и нејзината повеќеслојна игра како харизматична, но ментално пореметена воена ветеранка од Ирак. Таа исто така вели дека „Бикини Мун“ е нејзин втор омилен филм од Манчевски, по „Пред дождот“, и „на некој начин, како во користењето на актерите, е и посовршен од неговиот најзначаен филм“.

„Бикини Мун“, првиот американски филм на Манчевски, е снимен во Њујорк. Светската премиера беше во Бразил, на фестивалот во Сао Пауло, а потоа во Португалија ја освои специјалната награда на жирито. Беше прикажан и на фестивалите во Сан Хозе, Белград, Софија, Истанбул, Франкфурт, Нешвил, Менхетн, Сарасота и Шангај, а следува и американската кинопремиера.

Македонската премиера беше во Скопје на 22 март и наиде на исклучително позитивен прием – и кај публиката и кај критиката, а потоа продолжи да игра низ кината во Македонија.