„ТАКСИРАТ“ ПРОДОЛЖУВА ВЕЧЕРВА СО „ЛАЈБАХ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Култната словенечка група „Лајбах“ вечерва (20.30 часот) ќе одржи нов концерт во Скопје, како продолжение на одбележувањето на 20. години од фестивалот „Таксират“.

Иако зад себе има неколку настапи во Скопје во последните 25 години, ова ќе биде прв концерт на „Лајбах“ во Младински културен центар, каде што ќе го претстави својот последен проект „Така зборуваше Заратустра“.

Станува збор за албум што беше направен како музичка подлога за истоимената театарска претстава во Ново Место и концертот ќе се совпадне со Светскиот ден на театарот.

Концертот е дел од европската турнеја, на којашто бендот свири песни од новиот албум, но и модерни верзии на дел од класиците, што со години не биле изведувани во живо. „Лајбах“ на оваа турнеја има практика да не дозволува фотографирање и снимање од публика, со цел да се постигне поинтимна атмосфера.

„Лајбах“, зад кои е кариера долга 38 години, обележана со низа контроверзи, во Скопје доаѓаат со целосна постава, што ја вклучува и харизматичната пејачка Мина Шпилер.