ТАМАРА ПЕЕ СО ЖАР, СИТЕ ЈА САКААТ ВО ТЕЛ АВИВ

Тел Авив, (СМАРТ СДК.МК)

(Специјално од Тел Авив: Игор ТРАЈКОВСКИ)

Во Тел Авив не чувствувате дека сте во земја која со децении е во граѓанска војна и во секојдневна опасност од пошироки регионални размери. Ниту пак некој тука се потресува дека само пред неколку дена кон нив беа испукани стотици ракети, од кои поприличен број стигнаа до целта. За нив тоа е секојдневие, како утринско кафе. Градот бруи од динамика, туристи на претек – со Евровизијата уште повеќе – кафеаните се полни, се пие и весели до рано наутро. Вистинско чудо.

„Луѓето во Тел Авив се ненормални“, ни вели таксистката која нè возеше од аеродромот до станот каде сме сместени. „Само да се седело по кафеани и барови, до сабајле. Од сонцето е тоа, чудни сме.“

Евровизија 2019 се одржува во Тел Авив. Двете полуфинални вечери се вечерва и на 16 мај, а финалето е на 18 мај. Македонската пејачка Тамара Тодевска настапува во второто полуфинале, в четврток.

Од пробата на Тамара со песната “Горда“ (Proud) (Фото: Евровизија)

Израел годинава по третпат организира Евровизија. Им доаѓа дека го организираат настанов на секои 20 години – 1979, 1999 и 2019 – иако победиле на натпреваров 4 пати. Кога победија последователно и 1979, заклучија дека организацијата двапати по ред им е прескапа, па 1980 настанот се одржа во Хаг. Град-домаќин на првите две израелски Евровизии беше Ерусалим, годинава за првпат е во Тел Авив. Светската јавност, од лани кога победи Нета, беше поделена по прашањето дали на Израел воопшто треба да му се дозволи организација на ваков настан. ЕБУ, сепак, одлучи тоа да го дозволи, иако не во иницијално планираниот (повторно) Ерусалим.

Повици за бојкот пристигнаа, и сè уште пристигаат, од повеќе страни, најмногу од движењето БДС кое се залага за бојкот, изолација и санкции кон Израел поради третманот на палестинското население, а и од цела плејада реномирани артисти предводени од Роџер Вотерс, Брајан Ено и Мајк Ли. Кампањата за бојкот е релативно неуспешна бидејќи ниту една од земјите учеснички не го откажала учеството, иако ја постигна целта да привлече големо внимание и го зголеми фокусот кон горливиот проблем.

Закани за терористички напади во тек на еднонеделниот настан, секако, има, но израелските служби се убедени дека напад нема да се случи и работат 24/7 да не дојде до тоа. Сигурносни служби има насекаде, но – сè уште – нема чувство на вознемиреност и некои силни контроли, ниту пак се чувствувате дека некој ве набљудува. Изгледа дека сè си тече во најдобар ред.

Со промената на името на нашата земја тука владее своевидна конфузија, и иако официјално сме заведени и настапуваме како Северна Македонија, во прес-материјалите најчесто нè ословуваат само како Македонија. Дури и акредитираните новинари во муабет најчесто зборуваат за Македонија (ФИРОМ никој веќе не го спомнува) под изговор дека додавката „северна” им е вишок. На Евровизија годинава учествуваме по 19-ти пат. Нашата евровизиска одисеја е една од понеуспешните – на финалната вечер сме учествувале досега само 8 пати, со пласман од 12 до 19 место. Ако е некоја утеха, никогаш (во финале) не сме биле последни!

Годинава ќе се обидеме да го поправиме впечатокот со настапот на Тамара Тодевска и баладата „Горда“ (Proud), своевидна химна за сите жени посветена на прифаќање на различностите, иако Тамара самата вели дека песната е наменета за сите, а не само за жените, и дека таа пее за секого кој ја слуша – секој треба да биде горд на она што го носи во себе. И песната и пораката се примени одлично во евровизиските кругови и проценките за висок пласман ни се поприлично добри.

Израел годинава по третпат организира Евровизија. (Фото: ОГАЕ)

Изборот на Тамара за македонски претставник на Евровизија не помина без чуда и кај нас дома – не дај боже кај нас од нешто да не се направи проблем. Откако беше промовирана песната со видеото, коментарите се одлични од странците, но нашата јавност – како и за сè – мора да е поделена на два табора, и додека едни беа восхитени, други ја напаѓаа со највулгарни можни епитети. Не само песната, туку и лично Тамара, и тоа од публикум кој воопшто не ја ни познава. Која е таа клетва што нè тера секогаш да исплукаме сè квалитетно што имаме, сè уште е предмет на научна дебата и чудење. Факт е дека Тамара е една од нашите најуспешни, реномирани пејачи, има извонреден слух и глас, има песна која е спакувана во одличен продукт, настапот е суптилен и без претерани елементи, се подготвуваше за Евровизија неуморно како вистински пофесионалец иако дома има две мали деца, изгледа фантастично – всушност, никогаш не изгледала поубаво, посмирено и зрачи со позитивна енергија – на прес-конференциите и организираните настани е секогаш искрена, насмеана и сите ја сакаат. А да, и убаво пее. Светско, а наше. И сепак, едниот табор кај нас тоа го смета за нешто катастрофално лошо. Пеки, песната не мора секому да му се допаѓа, тоа е прашање на вкус. Но, личните напади со погрдни зборови никој не може логично да ги објасни.

Од настапот на Калиопи 2012, никогаш не се зборувало за некој наш претставник во толку позитивно светло, што е заслуга како на Тамара, така и на останатите членови на тимот: придружните вокали Александра Јанева, Антониа Гиговска и Васил Гарванлиев, и ПР тимот предводен од Коста Петров. Работата со нашето претставување беше завршена на најдобар можен начин со капацитетот со кој ние располагаме, и сите би требало да сме мирни и задоволни дека сме направиле – и пратиле – нешто квалитетно.

Тамара изгледа дека не се возбудува многу од нашата вечна поделеност. Можеби добро знае да одглуми дека негативните коментари не ја погодуваат, а можеби е навистина толку „кул”, па точно знае да го отстрани плевелот од житото. Не е ни важно, важно е дека таа си ја гледа работата и си ја тера водата накај својата воденица за полуфиналето в четврток. Пее со жар и од срце, и во вистинска смисла на зборот е горда на себе и својата песна, што го покажува на секој чекор. Време е и ние неподелено да бидеме горди на неа, а и на самите себе.