Пејачот Стефан Здравковиќ познат како Принц од Врање ќе ја претставува Србија на Евовизија во Базел во мај, со песната „Мила“.
Здравковиќ е 31-годишен пејач роден во Врање. Од 2002 живее во Белград. Беше државен првак и вицешампион на Србија во карате, а се натпреваруваше и за националниот тим. Со музика почнал да се занимава на 15-годишна возраст, кога заедно со пријателите го формирале бендот „Шеста жица“. Здравковиќ пее, свири гитара и тапани. Во 2020, тој ја играше главната улога во рок операта „Исус Христос суперѕвезда“.
Во 2023, Принц од Врање беше гостин во Македонија, на фестивалот „Охрид фест“.
„Македонија има богата музичка традиција и љубов кон уметноста, а тоа посебно се чувствува на фестивалите. Со оглед на тоа што сум од Врање, македонската музика за мене, уште од дете е блиска и позната. Татко ми ја пееше ‘Зајди зајди’, и ме научи и мене да ја пеам, а јас сум голем фан на Тоше Проески“, рече во 2023 Здравковиќ во Охрид.
„Почнав да пеам во 2009, учев во музичкото училиште во Врање. Татко ми е пејач, никогаш никаде не бил експониран, не е познат, но има прекрасен глас. И мајка ми пееше на разни забави и во хор. Брат ми пее и свири на гитара и на некој начин ме воведе во светот на музиката“, рече Стефан Здравковиќ за српските медиуми.
Фото: З.Илиќ