Англиското поп рок дуо „Тирс фор фирс“ го најави својот прв албум по 17 години пауза, „The Tipping Point“, кој ќе излезе на 25 февруари.
Основачите на групата Роланд Орзабал и Курт Смит велат дека албумот е инспириран од серија професионални и лични пресвртни точки, што им се случиле по објавувањето на нивниот последен албум „Everybody Loves a Happy Ending“ од 2004. Орзабал вели дека почнал да пишува нови песни во периодот кога неговата сопруга Керолајн веќе ја губела битката со алкохолизмот, поради кој развила и деменција. Таа почина во 2017 година.
„Ја гледав како полека се претвора во дух. Ми требаше малку одмор од постојаната болест, постојаната дисфункција и како што обично правев цел живот, тие работи влегоа во моите текстови и песни. Откако ги изгубив Керолајн и долгогодишниот соработник на групата Алан Грифитс, се сетив на Курт и помислив дека нашата приказна сè уште не е завршена“, изјави Орзабал во интервјуто за „Гардијан“.
Роланд и Курт биле тинејџери кога се запознале и првиот сингл како „Тирс фор фирс“ го објавија во 1981 година. Нивните први три албуми се продадоа во 30 милиони примероци. Двојката се растури во 1991, по што Орзабал сними уште два албума како „Тирс фор фирс“, пред да се обединат во 2004.