ТРАМП Е ЛУД КАПЕТАН КОЈ НЀ ВОДИ КОН САНТА МРАЗ – МАКАРТНИ МУ ПОСВЕТИ ПЕСНА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА САД

Лондон, (Индипендент)

Сер Пол Макартни го критикува американскиот претседател Доналд Трамп во една песна од неговиот нов, 18. по ред соло албум, нарекувајќи го „луд капетан“.

Легендата на „Битлс“ во интервју за Би-Би-Си кажа дека кога ја пишувал песната „И покрај повторените предупредувања“ од албумот „Станица Египет“, мислел на оние кои ги негираат климатските промени, како Трамп.

„И покрај повторените предупредувања за опасностите пред нас, капетанот не сака да го слушне она што му се кажува, оние кои викаат најгласно, не се секогаш најпаметни“, се вели во песната.

Кога новинарот го прашал на кого мисли кога вели „понекогаш имаме луд капетан на бродот на кој сме сите ние и кој ќе нè однесе во санта мраз, иако е предупреден дека тоа не е кул идеја“, 76-годишниот пејач рекол: „Очигледно е, на Трамп“.

Трамп, кого групите за заштита на животната средина го нарекуваат „климатски вандал“, ги повлече САД од Парискиот климатски договор и е познат по ставот дека климатските промени не постојат.