ТРИОТО „КАБАДАЈАС“ ВЕЧЕРВА КОНЦЕРТНО ГО ПРОМОВИРА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонскиот бенд „Кабадајас“ вечерва во ноќниот клуб „Станица 26“ во Скопје (21 часот) ќе одржи концертна промоција на својот втор албум.

Шест години по дебитантскиот албум, триото „Кабадајас“ го објави „Од понеделник“, во издание на концертната агенција и продукција „3Гонга“.

Групата ја сочинуваат Зоран Костадиновски на гитара, Џоле Максимовски на бас и Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии, а како гости на албумот се појавуваат вокалите Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска-Трајкоска, како и Павле Васиљевиќ на клавијатури и програмирање.

„Бендот постои од 2011 година. Сите сме и композитори и аранжери на музиката што ја создаваме, а тоа е модерна инструментално-вокална музика, со џез амбиент со скопски, а, сепак, светски шмек. На албумот има и две песни со вокали. Едвај чекаме да свириме вечерва во Станица 26, како промоција за нашето второ издание“, вели Максимовски.

Веднаш потоа, бендот продолжува со настапи низ Македонија, а во преговори се и за настапи надвор од државата.