ТРПЧЕСКИ ВО КАЛИФОРНИЈА ПРЕМИЕРНО ГО СВИРИ НОВИОТ КОНЦЕРТ НА ШАХОВ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот со светска кариера Симон Трпчески вечерва во Калифорнија премиерно ќе изведе дело од македонскиот композитор кој живее и работи во Велика Британија, Панде Шахов.

По големиот меѓународен успех со претходниот проект „Македонисимо“, Трпчески и Шахов вечерва ќе имаат светска премиера на Концертот за пијано и оркестар 2, дело инспирирано од македонскиот фолклор. Тоа ќе се изведе на отворањетo на фестивалот на современа музика Кабрињо во Санта Круз.

Со фестивалскиот оркестар ќе диригира Кристијан М’челару од Романија, новиот шеф диригент на Симфонискиот оркестар на ВДР од Келн, но и музички директор на фестивалот кој се одржува речиси 60 години.

Од „КултурОп“ велат дека турнејата на Трпчески во САД следи по успешните настапи во Австралиија и Нов Зеланд, а по Санта Круз, таа утре продолжува во Чикаго, каде што со тамошниот симфониски оркестар ќе го изведе Петтиот концерт за пијано и оркестар од Бетовен. Ќе диригира Василиј Петренко.

Следни се настапите во Аспен и Кливленд, а на крајот на месецов Трпчески го носи „Македонисимо“ во престижната концертна сала „Концертгебау“ во Амстердам.