„ЦРВЕНА ЈАБУКА“ СО КОНЦЕРТ ВО ОХРИД НА 9 АВГУСТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сараевската поо-рок група „Црвена јабука“ ќе одржи концерт во Охрид на 9 август, во Античкиот театар, објави продукцијата „Прагма“.

Бендот минатата година одржа два концерта во Скопје во Филхармонијата, и еден во салата „Јане Сандански“ како и во Битола и во Штип.

На новиот албум на групата е преработена песната „Ако умрам ил загинам“ од Јонче Христовски.

Фронтменот групата „Црвена јабука“, Дражен Жериќ- Жера лани во Скопје рече дека таа песна секогаш ја чуваат за крај на концертите, и ја пее целата публика во регионот, но најмногу ја сакаат Македонците во дијаспората.

„Бевме со стариот состав на ‘Црвена јабука’ во Скопје, во 1988, во еден ресторан во старата чаршија. Имаше група музичари кои акустично свиреа во ресторанот, и за уво ни се залепи таа песна. Ја нарачувавме по неколку пати и им дававме бакшиш. Паметам дека кога затвори ресторанот, ние тргнавме пеш до хотелот ‘Бристол’ каде што бевме сместени, а  свирачите нѐ следеа сѐ до хотелот. Неколку години потоа, почнав да ја пеам на концертите, но си реков дека еден ден мораме да ја преработиме и снимивме студиска верзија“, рече Жериќ.

Влезниците за концертот се пуштени во продажба преку мрежата на kupikarta.com