УНИВЕРЗАЛНА ЌЕ БИДЕ ГОТОВА ДО 2131, ПРЕД МАКЕДОНИЈА ДА БИДЕ ДОМАЌИН НА ЕВРОВИЗИЈА, РЕКОА ВОДИТЕЛИТЕ НА „ГЛУМЦИТЕ ПЕАТ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Што би било ако Македонија биде домаќин на Евровизија во 2134, беше темата на овогодинешното шоу „Глумците пеат“, сношти (29 март) во Националната опера и балет (НОБ).

Арна Шијак како Констракта (Фото: К. Попов)

Низ комично сценарио, шоуто го водеа актерот Горан Ников и новинарката Миланка Рашиќ, која природно е асоцијација на Евросонг.

Миланка Рашиќ на сцената пристигна со мотор, а шоуто го водеше со актерот Горан Ников. (Фото: К. Попов)

Слушнавме 27 евровизиски хитови од млади и докажани актери: Весна Петрушевска која настапи со децата од нејзината актерска школа, Тања Кочовска, Гордана Ендровска, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Наталија Теодосиевска, Жарко Димовски, Тина Трпкоска, Бојан Стојков, Арна Шијак, Жаклина Стефковска, Маја Андоновска- Илијевски, Билјана Драгичевиќ- Пројковска, Петар Горко, Нина Деан, Дритон Вејсели и други.

Тања Кочовска и Софиа Насевска-Трифуновска како „Ацукар морено“ (Фото: К. Попов)

Дел од нив ги пееја македонските евровизиски хитови како „Proud“ (Горда) на Тамара Тодевска, а видовме и  одлична имитација на ХХЛ и „100 посто те љубам“. Имаше и дел за југоносталгичарите, па се потсетивме и на групата „Рива“ од Задар која ѝ ја донесе првата победа на Евровизија на Југославија во 1989.

Весна Петрушевска настапи со децата од нејзината актерска школа (Фото: К. Попов)

Евровизија не може да помине ни без Тајчи, „Нови фосили“, Жељко Јокисмовиќ, Руслана, групата „Атена“, „Ацукар морено“, Сертаб Еренер, АББА. Впечатлив настап имаше и Бедија Беговска која претходно ни изјави дека учи руски, а настапи во придружба на Славјанскиот хор во кој членува.

Нина Елсезер. (Фото: К. Попов)

„Имаме пејачи, имаме песни, но немаме сала. Ех, си имаше една сала, универзална за сѐ. Таму имам водено Скопски фестивал, танцови натпревари, домашен избор за Евровизија“, рече Миланка Рашиќ.

Наталија Теодосиева, Нина Деан, Ангела Димитрова и Слаѓана Вујошевиќ како ХХЛ. (Фото: К. Попов)

„Имам инсајдесрки информации дека Универзална ќе биде готова до 2131, таман пред Македонија да биде домаќин во 2134“, кажа Ников. Негов предлог беше и Евровизија, како и многу нешта кај нас да се отвори со „фрлање лопата“.

Актерот Горан предложи Евровизија во Македонија да се отвори со лопата (Фото: К. Попов)

Атмоферата ја живна Тања Кочовска која беше задолжена за проверка на издржливоста на столчињата. Како на вистинската Евровизија, така и на оваа генерална проба, се организираше телефонско гласање. Најмногу гласови имаше Жарко Димовски кој беше Здравко Чолиќ во „Гори оган“ (Гори ватра) и Весна Петрушевка која го пееше Јоксимовиќ.

Нина Деан како Сања Долежал и „Нови Фосили“ кои на 9 април ќе имаат концерт во Скопје (Фото: К. Попов)

Фестивалските местенки според сценариото на Дејан Пројковски кој го осмисли концептот се неизбежни и на Евровизија. Затоа на крајот, како што на водителот му јавија „од горе“, победи Бајрам Северџан со песната од Тото Кутуњо „Заедно“ (Insieme) со која италијанскиот пејач во 1992 повика на обединување на Европа.

Бедиа Беговска пееше на руски со Славјанскиот хор (Фото: К. Попов)

„Глумците пеат“ ги осмисли и организираше Марин Бабиќ, актерот кој почина во 2022 . На шармот на Бабиќ се потсетивме на видеобим на почетокот од шоуто. Во негова чест, ќерките Маја и Ира Бабиќ лани ги вратија „Глумците“ на сцена по 17 години пауза.

Маја Андоновска- Илијевски како Тајчи (Фото: К. Попов)

Актерите настапија во придружба на Биг бенд со кој диригираше Љупчо Мирковски, а новите аранжмани на сите песни се на пијанистот Бобан Мирковски.

Марина Поп-Панкова и Горан Трифуновски во чест на Слаѓана Милошевиќ која почина на 26 март, ја испејаа „Принцеза“, нејзиниот дует со Дадо Топиќ (Фото: К. Попов)

Ана Костадинвоска и Сара Пројковска пееја придружни вокали. Уште една актерска генерална проба за Евровизија ќе се одржи вечерва во Операта, второто шоу на „Глумците пеат“ од 20 часот.

М. ЏАРОВСКА