Актуелната лоша ситуација на светската концертна сцена поради пандемијата на коронавирусот не го наруши ентузијазмот на екипата од „Блуз фамилија“ оваа година да го организира првото издание на својот „Котон блуз фестивал“. Со неколкумесечно одложување, тој ќе се одржи денеска и утре на платото пред Националната опера и балет, на плоштадот Мајка Тереза, а програмата почнува во 19 часот.

Организаторите дури успеаја да обезбедат гости од странство, па вечерва ќе настапат британско-американското дуо Инес Сибун-Маркус Малоун и српските блузери Ненад Златановиќ и Гилета Слим, а утре ќе може да се слушнат Белгијците Шејкдаун Тим и Илијас Скоч и Србите Марин Баленовиќ и Александар Стануловиќ-Стенли.

А, дека фестивалот се покажа полн погодок уште пред да почне кажува вчерашната објава на организаторите дека сите карти се продадени. Тие исто така ги повикуваат посетителите да се придржуваат до пропишаните мерки за заштита од ковид-19.

Г. КОНЕВ