Групата „Ареа“ од Гостивар по 14 години ќе одржи акустични концерти, во Филхармонијата на 19 и 20 април. Последните вакви концерти ги имаше во 2010 во Универзална сала.
„Свежи се сеќавањата на тие концерти во Универзална, беше многу тажно кога ја гледавме како гори. Кога изгоре Универзална, како да изгоре душата на Скопје и се надеваме дека како Феникс повторно ќе никне. Во таа сала сме имале безброј концерти, сме свиреле на манифестации и како гости на други колеги“, се присети на денешната прес-конференција Ружица Милошевска-Брчиоска, пејачката на „Ареа“.
Првиот концерт на 19 април е распродаден, а пред распродавање е и вториот, рече новинарката Александра Тимковска, која го водеше пресот.
Концертите во Филхармонијата ќе бидат потсетување на работата на „Ареа“, која постои 31 година, и на хитовите од седумте албуми.
„Ќе свириме и песни од новиот албум ‘Љубов е’, кој излезе минатата година. Сакавме на публиката да ѝ подариме и едно вакво доживување, кое не е можно во поголема сала“, рече Ивица Брчиоски, гитаристот и автор на повеќето од песните.
На прес-конференцијата дојде и придружниот вокал Елена Брчиоска, која е ќерка на Ружица и Ивица Брчиоски.
На концертите, на бендот ќе му се придружи гудачки квартет со две виолинистки и две виолончелистки.
„Сакаме концертите да бидат акустична магија“, рекоа од „Ареа“.
Организатор е продукцијата „Фреш унион“, а билети се продаваат преку мрежата на мк тикетс.
М. ЏАРОВСКА