ВО ГОДИНАТА НА ДОМИНАЦИЈА НА ТЕЈЛОР СВИФТ, „РОЛИНГ СТОУНС“ И „БИТЛС“ СЕ ВРАТИЈА НА ВРВОТ НА ТОП-ЛИСТИТЕ

Њујорк, (АП)

Во годината во која доминираа поп-изведувачи како Тејлор Свифт, Бијонсе и Оливија Родриго, и бендови и музичари од минатиот век успеаја да се пробијат високо на топ-листите. Неколкумина музичари постари од 70 години се најдоа меѓу најдобрите десет на топ-листите на синглови и албуми на Билборд.

Битлс“ го имаше својот прв топ-10 сингл од 1996, откако песната „Now And Then“, направена со помош на вештачка интелигенција, дебитираше на седмото место. Пол Макартни има 81, а Ринго Стар 83 години.

Новиот албум на „Ролинг стоунс“, „Hackney Diamonds“, се искачи на третото место со Мик Џегер (80 години), Кит Ричардс (80) и Рони Вуд (76).

Кантри дивата Доли Партон (77) дебитираше на третото место со својот нов албум „Rockstar“, што ѝ е највисокиот пласман досега.

Седумдесет и деветгодишната Бренда Ли стана најстариот изведувач кој се искачил на првото место на американската топ-листа, што ѝ успеа со класикот „Rockin’ Around The Christmas Tree“, оригинално објавена пред 65 години. Со стари божиќни хитови во топ-10 се вратија и 77-годишната Недра Тали со групата „Ронетс“ и Хосе Фелисијано (78).

(Фото: Шатерсток)