Поп-пејачката Андријана Јаневска, виолинистка во Операта и професорка на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) во Скопје, неодамна во Ректоратот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) беше промовирана во докторка на науки. Јаневска пред десет години почнала да собира народни песни одејќи во повеќе села во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, кога била во шестиот месец од бременоста со помалиот син. Постариот син Димитар, кој тогаш имал три години, бил со неа на ова патување, додека од жените во селата ги наоѓала песните. Сега се 109 на број, а Јаневска вели дека сите со мерак може да ги испее.
„Насловот на трудот е: ‘Македонското традиционално народно пеење во Мала Преспа, Голо Брдо и Гора’. Застапени се песни од сите три региони и тоа: аргатски песни, балади, броенки, ѓурѓовденски, жетварски, комитски, лазарски, лирски, љубовни, ороводни, печалбарски, приспивни, револуционерни, свадбарски, сунетски и хумористични песни. Народното творештво претставува еден од најзначајните сегменти во севкупниот материјално-духовен идентитет на македонскиот народ. Македонското традиционално народно пеење во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора низ различни периоди на културниот и на историскиот развој, од музички аспект е речиси неистражено. Тоа беше главната причина за изработка на обој труд“, вели Јаневска.
Целта на ова нејзино истражување е да се согледа комплексноста на македонскиот музички фолклор како нераскинлив дел од обредите. На патувањата, таа собрала над 150 песни, но во трудот се дешифрирани и мелографирани 109 уникатни песни.
„За да се добијат релевантни податоци за македонското традиционално народно пеење во регионите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора беа извршени неопходни истражувања, кои се темелат врз пишани извори, како и врз материјали собрани за време на моите теренски истражувања. Моето прво истражување беше пред десет години, во 2014. Во шестиот месец од бременоста со вториот син, во друштво на постариот син кој тогаш имаше 3 години и мојата тогаш 75-годишна свекрва, тргнавме на неколкудневно патување во Тирана, каде што имав средба со преселнички родови од Голо Брдо. Истата година го посетив и Пустец во Мала Преспа. Следната година неколкупати бев во Призрен, каде се сретнав со преселнички родови од Гора. Следните три години бев уште неколкупати во Пустец, Туминец, Зрноско, Леска, Глобочени и други села. Потоа, откако ги снимив песните, следуваа уште 5 години пишување и анализа со професорката Родна Величковска“, вели Јаневска.
Денес, таа може да ги отпее сите песни, бидејќи самата, откако ги снимила и ги слушала, музички ги дешифритрала и ги мелографирала. Од сите песни, има десетина кои ѝ се омилени и би сакала да ги снима во студио.
Андријана Јаневска беше актуелна во јавноста и по финалето на годинешнава Евровизија, откако на социјалните мрежи објави дека минатата година ја одбила понудата на МРТВ да ја претставува Македонија во Евровизија во Малме.
„Им одговорив дека со задоволство ќе прифатев да беше 2000, кога се натпреварував со ‘Твоето писмо моја библија’. или 2001, кога на Скопскиот фестивал победив со ‘Носталгија’. Тогаш имав 20 години, кариерата ми беше во подем и имав желба да направам нешто за Македонија. Исто така, тоа беа времиња кога Евровизија сè уште важеше за некаков културно-уметнички натпревар помеѓу народите и кога секоја земја се натпреваруваше со песна на својот јазик. Денес имам 42 години и се чувствувам исполнето, среќно и остварено на приватен и професионален план. Што се однесува до мојата желба да направам нешто за Македонија, тоа го направив преку докторскиот труд на кој работев девет години, со кој успеав да заштитам над 150 македонски народни песни“, напиша Јаневска на Фејсбук.
„Понудата за Евровизија се случи лани и немаше ни да ја споменам да не беше годинешното издание вакво какво што беше. Навистина се разочарав и сметам дека донесов правилна одлука да не учествувам. Евровизија не е она што беше“, вели пејачката која на ФМУ предаваа солфеж, соло пеење и вовед во популарна музика.
Паралелно, таа го води своето приватно музичко училиште, а е вработена како виолинистка во Операта. Вели дека за да стаса да изработи сѐ, секогаш одредува приоритети и се фокусира само на нив, и не се расплинува со неважни работи.
Андријана со сопругот, музичарот Драган Гиновски- Гино, ги има синовите Димитар и Кристијан, кои исто така изучуваат музика.
„Димитар свири пијано, а Кристијан виолина. Ги имаат сите предуслови да бидат добри музичари, но сепак, ќе видиме како ќе се развиваат понатаму. Сакаат и јазици, шах, математика и пливање“, вели Јаневска.
ЗА ДЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „ДЕДО МРАЗ ДОЈДЕ СО ВОЗ“, ШТО ЌЕ СЕ ИГРА НА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО СКОПЈЕ, СЕ РЕСТАВРИРАНИ ЛОКОМОТИВА ОД 1942 И ВАГОН ОД 1950-ТИТЕ