Музичарот Џијан Емин утре (25 јануари) ќе биде гостин-диригент на концертот на Филхармонијата на Луксембург, на кој ќе настапи домашниот пијанист Франческо Тристано.
„На програмата ќе бидат дела од Бах, Тристано и мои авторски дела. Првпат соработувам со овој оркестар и мене ми е особено драго што покрај класична програма, ќе имаме можност да свириме и наши авторски композиции, кои ќе бидат надополнети со електроника и дизајн на звук“, вели Емин, кој е диригент во Националниот џез оркестар.
Тој вели дека никогаш досега немал трема во негативен контекст.
„Возбудата е секако огромна бидејќи се претставуваме пред европска публика со авторски дела. Таа возбуда кај мене предизвикува дополнителен фокус со желба изведбата и продукцијата да бидат на највисоко можно ниво“, ни рече диригентот.
Емин веќе десет години соработува со повеќемина светски познати музичари, како Дерик Меј, Хуан Аткинс и Џеф Милс. За концертот во Луксембург, тој добил покана лично од Тристано.
„Има многу концерти и настани кои ме прават многу среќен. Не знам дали можам да кажам дека сум горд, но сигурно сум среќен зашто сите овие процеси ми се вистинско уживање“, вели Џијан Емин.
Дел од неговите успеси се соработката со Симфонискиот оркестар на Детроит, Симфонискиот оркестар на Мелбурн, оркестарот „L’amoureux“ од Париз, Белградската филхармонија и други.
Франческо Тристано (44) е луксембуршки класичен и експериментален пијанист и композитор, кој свири и кларинет.
Компонира и класична и електронска музика. Студирал на конзерваториуми во Луксембург, Брисел, Рига и Париз, пред да дипломира музика во „Џулијард“ во Њујорк.
М. ЏАРОВСКА