Влатко Стефановски закажа втор концерт на 10 мај во Филхармонијата откако се распродаде првиот на 9 мај. Со концертите, легендарниот гитарист ќе слави 50 години кариера.
Стефановски претходно рече дека со радост и ентузијазам го подготвува скопскиот настан, откако распродаде концерти низ регионот, но и во Лондон и Виена.
„Размислувавме долго каде треба да се одржи скопскиот концерт и одлучивме дека Филхармонијата е сепак најсоодветен простор. Рано е сѐ уште да зборувам за гости, но би сакал да биде барем делумно како белградскиот концерт во Сава центар“, ни рече Стефановски.
Во Белград гости му беа Златан Стипишиќ Џибони и гитаристот Мирослав Тадиќ, покрај членовите на неговото трио, тапанарот Јан Стефановски и басистот Иван Кукиќ.
Три дена по белградскиот концерт Стефановски ја воодушеви публиката во распродадената сала „Лисински“ во Загреб. Прославувајќи 50 години кариера, тој одржа концерт и во Осиек. Гостин му беше Раде Шербеџија, кој ја испеа македонската народна песна „Елено ќерко“.
Организатор на концертите е „Мјузик тајм“, а билетите се продаваат на karti.com.mk.