Калиопи ќе одржи три концерти во регионот во март и во април. Регионалната турнеја почнува во Ниш на 15 март.
На 8 март, Меѓународниот ден на жената, таа со својот бенд ќе одржи концерт во Белград во салата МТС. На 5 април, Калиопи ќе пее во Загреб, во салата „Ватртослав Лисински“. Неодамна таа одржа прес конференција во Белград и го спомена скопскиот концерт во салата „Борис Трајковски“ кој се одржа на 19 октомври лани.
„Не се сеќавам на концертот во Скопје, има само неколку моменти на кои јасно се сеќавам. Прво излезот, кога ја видов публиката, силен наплив на емоции, едвај дишев. Почувствував рака на моето рамо, се свртев и го видов Ромео, кој слезе од трибините, дојде до мене и ми рече ‘Многу сум горд на тебе, одлично“, рекла Калиопи во Белград. Ромео Грил, нејзиниот поранешен сопруг и продуцент со кој прослави 40 години соработка беше специјален гостин на крајот од скопскиот концерт во евергинот „Бато“.
„Одамна им забранив на сите да ми честитаат 8 Март, им велам да не праќаат пораки, цвеќиња или празни зборови, а тоа е најголемиот подарок за мене“, вели Калиопи.
Во подкастот на САКАМДАКАЖАМ.МК „За секого по нешто“, пред скопскиот концерт во октомври лани, Калиопи рече дека имала среќно детство во родното Кичево, со сестра ѝ Корнелија и брат ѝ Томче.
Ромео Грил, со кого го имаат синот Пако, за неа ја напиша „Волчица“ во 2012.
„Ја напиша во еден вистински момент и сфатив дека иако е далеку од мене, будно следел некои случувања. И ме има опишано мене и многу други жени кои се пронајдоа во неа. На сите мои концерти жените ја пеат, а мажите се среќни бидејќи ги опишувам жените во неа“, вели Калиопи. Концертите се промоција на нејзиниот нов албум наречен „Албум“ кој излезе во мај во 2024.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ
МОЖЕ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА И ОВА:
СЛЕДЕТЕ ГО НАШИОТ ЈУТЈУБ КАНАЛ