В четврток, (18 јули), рокерот Жељко Бебек ќе одржи концерт во Охрид, на Антички театар од 21 часот, со кој слави 50 години кариера. Музиката за некогашниот пејач на култните „Бијело Дугме“ сега е семеен бизнис. Менаџер му е сопругата Ружица, а синот Звонимир свири гитара во неговиот бенд.
„Тоа што свирам заедно со син ми е најдоброто нешто што ми се случило во кариерата. Досега имам искуство со многу менаџери, но најдобро е кога за семејниот буџет се грижи жена. Ружица е веќе искусна во оваа работа и најмногу ѝ верувам“, ни рече Бебек.
Во текот на 50-годишната кариера, тој сними песна и на македонски, со „Бијело Дугме“, во 1974.
„Бендот тогаш настапи на Скопскиот фестивал, и ја снимивме песната ‘Една надеж’ која ја компонираше Григор Копров. ‘Дугме’ не беше фестивалски бенд, но ова го паметам како многу убаво искуство, особено затоа што песната е во 7/8“, вели пејачот. Уште една песна која Бебек ја испеа на македонски е „Јовано, Јованке“, преработката на проектот на браќата Тавитјан и Гаро Тавитјан „Македонското срце чука во 7/8“ .
„Мило ми е што мојот драг пријател Гаро Тавитјан ме покани да ја испеам оваа песна, а потоа имавме и неколку убави настапи заедно. Паметам дека, кога го снимавме спотот во студио во Скопје, децата ми беа помали. Дојдов со вечерен авион од Загреб, го снимивме спотот доцна навечер, и со првиот утрински лет си заминав назад и ги однесов децата на училиште“, вели Жељко Бебек. Во 2022 излезе авторската книга „Автобиографија“, пред неговиот 77. роденден. Во декември, Бебек ќе наполни 79 години.
„Она што ми ја одржува виталноста е мојата активност. Не пропуштам скијање на зима, едрење на лето и пешачам колку што можам. Сето ова ми е доволно за барем неколку пати да скокнам на сцената за време на концертот“, рече пејачот.
Драго му е што „Кроација рекордс“ го реиздаде оригналниот албум „Битанга и принцеза“ на „Бијело Дугме“ по 45 години.
На новата верзија на албумот е вратен некогаш цензурираниот стих од песната „Ама е глупаво да го заборавиш нејзиниот број“ (Ала је глупо заборавит‘ њен број), а го содржи и оригиналниот омот, кој во 1979 се сметаше за вулгарен.
„Многу бев среќен и горд кога го држев овој албум во рацете, особено затоа што е плоча. Албумот е едно од најинтересните остварувања во целокупната продукција на ‘Бијело дугме’, и е мое ултимативно достигнување“, вели Бебек.
Тој одби да настапува на славеничката турнеја на „Бијело дугме“ во чест на 50 години од основањето на бендот. Со Горан Бреговиќ и со неговиот оркестар пеат вториот и третиот пејач на бендот Младен Војичиќ-Тифа и Ален Испамовиќ. Турнејата симболично почна на 11 мај во Домот на млади во Сараево, каде што бендот го имаше првиот настап во 1974.
„Доволно кажав во изјавата на социјалните мрежи. По дваесет години, бевме на ручек во Загреб Горан и јас. Разменивме мислења за некои клучни прашања на тема заеднички настапи. Разговорот го завршив со јасен одговор: ‘Одиме секој по свој пат’. На сите им посакувам успешнa турнеја, а на Горан му ја честитам 50-годишнината на музичката кариера“, изјави Бебек и додаде дека не се гледа како дел од славеничката турнеја на бендот.
М. ЏАРОВСКА