ЖЕНСКА КЛАПА ОД ХВАР ПЕЕШЕ НА 30-ГОДИШНИНАТА ОД МАКЕДОНСКО-ХРВАТСКОТО ДРУШТВО ВО БИТОЛА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолчани имаа можност во живо да го слушнат препознатливиот далматински мелос од изворни хрватски изведувачи на музичкиот настан во Офицерскиот дом, каде што на Денот на државноста на Хрватска се одбележаа и 30 години постоење на Хрватскиот културен центар (ХКЦ) и Македонско-хрватското друштво „Марко Марулиќ“ во Битола.

Настапија женската клапа „Фреција“ од Јелса на Хвар и вокалната група „Ангелини“ во придружба на тамбурашкиот оркестар на КУД „Клоштар“ од хрватската општина Клоштар Иваниќ, a специјални гости беа едни од најнаградуваните ученици од Државното музичко училиште во Битола, со кое ХКЦ неодамна потпиша меморандум за соработка, Алексеј Белевски, Матеа Стојаноска и Климент Ристески, во придружба на професорката Доминика Робе Поповска.

Претседателот на ХКЦ, Бранко Маретиќ, рече дека во изминатите 30 години била воспоставена соработка со многу релевантни институции од двете држави, биле иницирани повеќе збратимувања на општини и културно-уметнички друштва и се реализирале одбележувања на значајни датуми и гостувања на делегации и уметници.̀ со цел збогатување на културниот мозаик на Битола и поголема соработка на двете пријателски земји.

Ж. ЗДРАВКОВСКА