Приказна за диџеј Славе Ќелешовски од Струга кој 28 години живее на Флорида во САД, е песната „Диџеј крејзи Славе наш“. Заеднички ја пеат поп-пејачот и гитарист Мето Ди Флеш, Ќелешовски и диџеј Фичо.
Славе Ќелешовски е диџеј од 14 години, и неколку години по ред, ревијата „Екран“ во 1980-тите го избираше за најдобар диџеј во Македонија. Има организирано и концерти на македонски и на музичари од поранешна Југославија, прво во неговата родна Струга, а потоа и низ Македонија и низ другите градови во поранешна Југославија.
„Многу ми е драго што младиот музичар Мето Ди Флеш, познат по своите караоке забави кој самиот ги прави свирејќи гитара дојде на идеја да се напише песна за мене. И уште подраго ми е што ја промовиравме во мојата Струга, во за мене култното место ‘Пливалиште‘, каде што сум организирал многу забави“, ни рече Ќелешовски. Песната заеднички ја напишаа Мето Ди Флеш и д-р Миодраг Врчаковски.
Кога имал 14 години поради операција на нозете бил во болница во Скопје, и додека лежел во болница ги преслушал првите плочи на мал грамофон кој му го донеле родителите. Тогаш решил дека ќе стане диџеј и почнал да ја пушта косата.
Денес, Ќелешовски има 68 години и е пензионер, но гостува во сите клубови каде што ќе го поканат да пушта музика. Во Македонија е по неколку месеци во годината, во Охрид обично доаѓа во мај и останува до септември или октомври па се враќа во Америка.
„Во Америка се преселивме во 1996 со семејството, а за првпат туристички заминав во 1987. Пуштам музика и таму кога ќе ме поканат, најчесто организираме иселенички забави со мојот зет, пејачот Дарко Илиевски“, ни рече Ќелешовски чија голма стрст е велосипедизмот.
„Во Америка, сум возел и до 120 километри по рамен пат, но сепак поголем предизвик ми се планинарските тури во Македонија. Мислам дека би возел и повеќе да не беше операцијата. Нема ништо поубаво од тоа да се разбудиш во Охрид, да извозиш до Дебар и да се напиеш кафе во Дебар“, вели Ќелешовски.
И денес, тој е во контакт со членовите на групите „Црвена јабука“, и „Плави оркестар“, Жељко Бебек, Бајага, Рамбо Амадеус на кои им организирал концерти, а пријател му беше и Масимо Савиќ.
Ќелешовски работел и како менаџер на дискотеки. Во 1990 година, ги менаџирал дискотеките на Градиште во Охрид, во Крани на и дискотелата „Алга“ во Струга. Во сите објекти се одржувале концерти и се продавале и до 1.000 билети.
М. ЏАРОВСКА