НЕ МИ ЛИЧИ НА ГОДИНИТЕ ДА СТАВАМ СЛИКИ СО ФОТОШОП НА ИНСТАГРАМ, ВЕЛИ САЊА ДОЛЕЖАЛ ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поп-пејачка и водителка Сања Долежал вели дека на Евровизијата во 1987 година, кога со групата „Нови фосили“ го освои четвртото место за тогашна Југославија, се сеќава како да било вчера. Долежал, која во мај ќе наполни 61 година, деновиве е во Скопје и се подготвува за концертот со „Нови фосили“ на 9 април во Филхармонијата. Пејачката сега ги пее хитовите на „Фосили“ со гитаристот од групата Владимир Кочиш-Зец и со басистот Маринко Колнаго.

„Иако оттогаш поминаа многу години, се сеќавам на Евровизијата во Брисел како да беше вчера. По победата во Белград на натпреварот за песна на Европа, тие осум дена во Брисел навистина беа како сон. Имавме проби секој ден, се дружевме со други пејачи. Маринко, Зец и јас имаме родендени во мај, во тие седум дена славевме и три родендени. На мојот роденден на 9 мај се одржа финалето и го освоивме четвртото место. Морам да признам дека бев толку нервозна што воопшто не се сеќавам на тие три минути од настапот на сцената. Видеото го гледав дури подоцна. Навистина прекрасен спомен од тој период“, ни рече Сања Долежал.

„Нови фосили“ во 1987 (Фото: Фејсбук)

Групата има многу хитови, но луѓето најмногу ја поврзуваат со „За добрите стари времиња“ (За добра стара времена), како што е насловен и скопскиот концерт, кој го организира „Вајб продукција“. Долежал вели дека и по толку години не ѝ е здодеано да ги повторува истите песни.

„Во овие 55 години од постоењето на групата има многу прекрасни песни, многу хитови. Сигурно дека некои станаа евергрини и луѓето и денес ги сакаат. Можеби најпопуларни се токму ‘За добрите стари времиња’, ‘Јас сум за танц’ (Ја сам за плес), ‘Милена генерацијо’, ‘Е мој Саша’ и многу други. Има песни за кои сум многу емотивно врзана, како на пример ‘Уште те сакам’ (Још те волим). Никогаш не ми здодеа да ги пеам тие песни, бидејќи се навистина убави“.

Долежал последиве години во Хрватска се прослави со своето ток-шоу „Сања“ и со неколку емисии и прилози за готвење кои ги работеше.

Сања Долежал деновиве е на гости во Скопје (Фото: Ј.Гроздановска)

„Во моментов не се занимавам со телевизија, подготвувам некои проекти, па ќе видиме наесен. Од сите емисии што ги правев, а навистина ги имаше многу во последните триесет години, омилено ми е ток-шоуто ‘Сања’, што го правев на телевизијата ‘РТЛ‘“, вели пејачката.

Во времето кога на Инстаграм повеќето фотографии се објавуваат со филтри, сликите кои Сања Долежал ги споделува се природни и често без шминка. Вели дека не ѝ личи на годините да користи фотошоп до непрепознатливост.

Сања Долежал со синот и со ќерката (Фото: Стори.хр)

„Интернетот, социјалните мрежи и воопшто технологијата донесоа многу добри, но, за жал, и многу лоши работи. Животот на интернет во никој случај не може да се спореди со реалниот живот, но младите често не се свесни за тоа и затоа е опасно. Јас сум од генерацијата на природниот свет, свесна сум за моите години и мислам дека не треба да се правиш мало девојче или да се фотошопираш до непрепознатливост“.

Откако во 2012 ненадејно почина нејзиниот сопруг Ненад Шариќ, кој беше тапанар во „Нови фосили“, Долежал остана сама со синот Лука и ќерката Леа.

„Син ми годинава ќе наполни триесет години, работи во Брисел, а ќерката ќе наполни 28 години, живее и работи во Лондон. Синот е во компјутерски науки, а ќерката во музиката. Не постои рецепт за успешно родителство. Сите грешиме, секако, со најдобра намера. Она што ми изгледа најважно е да бидам присутна во животот на децата, да се занимавам со нив и да зборувам многу со нив“.

Групата сега ја има додавката „Сања, Зец и Маринко“ затоа што настапуваат пејачката Сања Долежал, гитаристот Владимир Кочиш-Зец и басистот Маринко Колнаго (Фото: Инстаграм)

Пред Долежал, пејачка во „Нови фосили“ беше Ѓурѓица Барловиќ, за која таа секогаш зборува со најголема почит. Групата во 1969 ја основал тапанарот Слободан Момчиловиќ-Мока, а поголемите успеси почнаа откако во 1976 дојде Рајко Дујмиќ, авторот на најголемите нивни хитови. Сања Долежал дојде во бендот во 1983 по заминувањето на Барловиќ. Откако Момчиловиќ почина, на тапани го замени Ненад Шариќ. Дујмиќ загина во сообраќајна несреќа во 2020 година.

За сегашната постава на групата, Долежал вели дека не постои главен во тимот, туку заеднички се договараат за активностите.

„Зец, Маринко и јас сме пријатели пред сѐ. Поминавме низ многу убави работи и некои тажни и грди работи. За сѐ договараме заедно“, вели Долежал.

М. ЏАРОВСКА