НЕПАЛСКИ ШЕРПАС ИСПИША ИСТОРИЈА ОТКАКО ПО ВТОРПАТ ГИ ИСКАЧИ СИТЕ 14 ВРВА ПОВИСОКИ ОД 8.000 МЕТРИ

Катманду, (Ројтерс)

Непалски Шерпас постави рекорд откако прв на светот по вторпат ги искачи сите 14 врва повисоки од 8.000 метри. Четириесет и седумгодишниот Сану Шерпа го комплетираше подвигот со искачувањето на Гашербрум 2 во Пакистан, кој со своите 8.035 метри е 13. највисок врв на светот.

„Тој е првиот човек на светот кој двапати ги искачил 14-те највисоки планини“, изјави Нибеш Карки, извршниот директор на компанијата „Пајонир адвенчр“, чиј дел е Сану.

Осум од овие 14 врва се наоѓаат во Непал, а останатите шест се во Пакистан и регионот Тибет. Сану го искачил првиот врв во 2006, додека на Монт Еверест бил дури седум пати. Тој го заврши првото искачување на сите 14 врва во 2019.