„НОВИ ФОСИЛИ“ СО ПРВ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ ПО 30 ГОДИНИ ПАУЗА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Хрватската поп-група „Нови фосили“ по 30 години пауза ќе одржи концерт во Скопје, во Филхармонијата на 9 април. Групата сега ја има додавката „Сања, Зец и Маринко“, затоа што настапуваат пејачката Сања Долежал, гитаристот Владимир Кочиш-Зец и басистот Маринко Колнаго.

Групата во 1969 година ја основал тапанарот Слободан Момчиловиќ-Мока, а поголемите успеси почнаа откако во 1976 дојде Рајко Дујмиќ, авторот на најголемите нивни хитови. Сања Долежал дојде во бендот во 1983 година по заминувањето на Ѓурѓица Барловиќ. Откако Момчиловиќ почина, на тапани го замени Ненад Шариќ, сопругот на Сања Долежал, кој почина во 2012. Дујмиќ загина во сообраќајна несреќа во 2020 година.

„Нови фосили“ има снимено 21 албум. Еден од нивните поголеми успеси е учеството на Евровизија во 1987, кога како претставници на поранешна Југославија го освоија четвртото место со песната „Јас сум за танц“ (Ја сам за плес). Долежал, Колнаго и Кочиш во 2018 беа гости на „Златна бубамара на популарноста“ во Скопје, а во 2015 на фестивалот Охрид фест.

Концертот во Скопје го организира продукцијата „Вајб“.