ОБЕЛЕЖЈАТА НА ПАРИЗ ЌЕ СТАНАТ СПОРТСКИ БОРИЛИШТА ЗА СЛЕДНИТЕ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Париз, (Ју-Ес-Еј тудеј)

Одбојка на песок пред Ајфелова кула, скејтбординг на плоштадот Конкорд, коњички спортови во замокот Версај, Олимписките игри за три години ќе се одржуваат на некои од најпознатите локации во Париз.

„Сто години чекаме да го донесеме олимпиското знаме назад во Париз и затоа сме многу возбудени. Со Париз 2024 сакаме да изградиме нов модел со кој Олимписките игри ќе ги отвориме за повеќе луѓе. Нашиот план се базира на изнесувањето на спортовите од традиционалните места и одржувањето на натпреварите во срцето на градот, пред некои негови обележја“, изјави претседателот на Организацискиот комитет за ОИ 2024, Тони Естанге.

Најголем дел од настаните и борилиштата ќе бидат во кругот од десет километри од Олимпиското село. Фудбалските мечеви ќе се играат низ цела Франција, а сурферите ќе се борат за медалите во Тахити, француска територија оддалечена 14.400 километри.

„Секоја година во август таму се одржува меѓународно натпреварување на бранот Теахупо, кој во тоа време од годината е најдобриот бран на светот. Тоа е француски бран, па зошто да не ги споиме овие два настана“, вели Естанге.