ОБЈАВИВ СЛИКА ПО ОПЕРАЦИЈАТА НА РАК НА ДОЈКА НАСПРОТИ ВАШИТЕ ШМИНКИ И ХРАНА, РЕЧЕ ВЕСНА ПЕТРУШЕВСКА НА РОДЕНДЕНОТ НА „БЕКСТЕЈЏ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Весна Петрушевска беше меѓу гостите на забавата за 17. роденден на естрадниот магазин „Бекстејџ“ во центарот на Скопје и ја доби наградата за жена борец. Актерката неодамна на социјалните мрежи објави фотографија од раната од операцијата на рак на дојка.

„Во месецот на борба против ракот на дојка не можев да одговарам на сите прашања во пораките што ги добив. Затоа решив да ја објавам таа слика место одговор која ќе ги замени сите ваши слики со филтри, шминки и храна кои ги постирате“, рече Петрушевска.

Таа потсети на симболиката дека „Бекстејџ“ слави 17 години токму на денот кога пред 17 години загина Тоше Проески.

Слаткаристика доби награда за најуспешна турнеја (Фото: К. Попов)

„Врви 17. година како го немаме Тоше. Само кога ги губиме се освестуваме кого имаме во нашите редови“, рече актерката и додаде колку ѝ недостасува Тоше.

Од Канада дојде продуцентот Јован Јованов (Фото: К. Попов)

Слаткаристика, кој годинава одржа три концерти во Скопје и турнеја низ Македонија како славење на 15 години од првиот албум „Слаткаристика будало“, доби награда за најдобри концерт и турнеја. Наградата му ја додели продуцентот Јован Јованов, со кого Слаткар ја започна кариерата. Јованов дојде од Канада, каде што живее последниве осум години.

Циркус беше темата на забавата која почна на мостот „Око“ (Фото: К. Попов)

„Успех во оваа земја е барем главата да ти е над вода, да не се удавиш“, рече Слаткар и ја испеа песната „Да полетам“, еден од најголемите негови хитови.

(Фото: К. Попов)

Забавата почна оригинално на мостот „Око“ и беше со тема циркус, со маскирани келнери и хостеси и пантомимичари кои ги послужуваа гостите. Бината на која настапуваа наградените беше поставена на кејот на Вардар.

Дел од нив беше Влатко Лозаноски-Лозано, кој го отвори настанот. „ДНК“ и Наум Петрески добија награда за хит на годината за песната „Животе брате“.

Настанот го отвори Лозано (Фото: К. Попов)

Струмичкиот карневал беше прогласен за најдобра културна манифестација во Македонија, а градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, беше награден за најголема поддршка за македонските музика и култура.

М. ЏАРОВСКА