Фотографии, плакати и драмски текстови се дел од изложбата „Од текст до претстава: македонски драми на сцената на МНТ“, која се отвори денеска на одбележувањето на 74. роденден на Македонскиот народен театар.
Низ драмските текстови и подготовката/поставувањето на истите, односно низ експонатите е прикажан патот на еден драмски текст од напишан збор до одигран и изговорен збор на сцена.
Од досега 400 поставени/обновени претстави, над 100 се дела на македонски автори од различни генерации. Третата воопшто поставена претстава во МНТ била според македонски текст, „Чорбаџи Теодос“, премиерно изведена на 16 август 1945.
„Во секоја од нив на различен начин се третираат секојдневието, традицијата, митовите и приказните. Не само како драмски текстови, туку и преку игра, слика – сценографија и костимографија и дизајн – програма и плакат“, вели авторката на изложбата, кустосот Ивана Јарчевска.
Таа додава дека идејата на оваа изложба е да се прикажат авторите од различни генерации, чии дела во континуитет се прикажуваат на сцената на МНТ, како Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски, Венко Андоновски и Дејан Дуковски.
Меѓу ретките глумци на денешниот роденден беше доајенката на МНТ, Милица Стојанова, која е една од најредовните гости на сите настани и премиери во Скопје.
„Не може да не дојде во театар оној кој е вљубен во театарот. А, јас сум од 1953 во театар. Доживеав да ја играм ‘Алма Малер’ и во овој театар. Која радост беше тоа! А, во претходната зграда бев 11 години. Не може да не се дојде, да се видиме, особено во ваква ситуација. Порано повеќе се гледавме“, вели Стојанова.
Директорката на МНТ, Симона Угриновска, кажа дека се во тек пробите за две претстави. По подолго време се поставува Шекспир, „Магбет“, во режија на Нела Витошевиќ, а на Мала сцена се работи „Тик так“ во режија на Синиша Евтимов. Премиерите се очекуваат во мај.
Б. НЕСТОРОСКА