Одложено е излегувањето на новиот вестерн на Кевин Костнер, кој требаше да се појави во кината следниот месец. Продолжението на „Хоризонт: Американска сага“ требаше да игра во кината од 16 август, но портпаролот на филмското студио „Њу лајн синема“ потврди дека тоа повеќе не е така.
Тој го образложи одложувањето со тоа што „треба да ѝ се даде на публиката повеќе време да го открие првиот дел на ‘Хоризонт‘“. Филмот дебитираше во кината на 28 јуни и досега има заработено 23,5 милиони долари ширум светот.
Планираната франшиза е важен проект за Костнер, кој е режисер, косценарист, продуцент и главен актер во епскиот вестерн сместен во времето на Американската граѓанска војна.
Во интервју за Си-Ен-Ен, направено пред излегувањето на првиот филм, оскаровецот рече дека се обидуваше да го сними филмот со децении, најавувајќи дека веќе го прави и третиот дел во планираната франшиза со четири филма.
(Фото: Ворнер брос)