На 26 март во Театар Комедија премиерно ќе се изведе претставата „Олд Сејбрук“ на Вуди Ален, во режија на Нина Николиќ. Претставата го отвора прашањето за односот на поединецот кон природата.
„Двата пара елегантни њујорчани оддаваат впечаток на совршенство и складност, но под таа фасада ќе откриеме низа потиснати и скриени тајни, мани и фрустрации. Тргнувајќи од една едноставна ситуација, американскиот сценарист и режисер Вуди Ален ги преиспитува темите на верност и сладострастност, брачни кризи и неверство. Во малку Чеховски манир, но низ забавни и неочекувани пресврти и со остар динамичен дијалог, карактеристични за Ален, се разоткриваат деликатни љубовни односи и се отвораат прашања за простувањето и за новите почетоци“, велат од „Перипетија продукција“.
Играат Валентин Костадиновски, Дарја Ризова, Елена Кузманов, Благој Веселинов, Атанас Атанасовски, Маја Љутков и Тони Денковски. Тамара Барачков е драматург, Ивана Каранфиловска-Угуровска е костимографка, сценографијата е на Илина Ангеловска, музиката на Оливер Јосифовски, а сценските движења на Димитриос Сотириу.
На малата сцена на Театар Комедија ќе биде прикажана групната меѓународна изложба „Периферии“, која настана за време на триесетдневниот престој на осуммина меѓународни уметници во Охрид во април 2024.
„Олд Сејбрук“ е копродукција на „Перипетија продукција“ и Театар Комедија како дел од проектот „Проспер“, кој е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Министерството за култура и туризам.