ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ТОКИО ЌЕ ПРЕТСТАВАТ НОВИ СПОРТОВИ, А СО НИВ И НОВИ СПОРТСКИ ЅВЕЗДИ

Токио, (Гардијан)

2020 е олимписка година. Токио ќе биде домаќин на 32. Летни олимписки игри (24 јули-9 август), на кои како спортови ќе дебитираат карате, спортско качување, скејтбординг и сурфање, што на светот ќе му претстави некои нови спортски ѕвезди. По 12 години пауза, во олимписката програма се враќаат и бејзбол и неговата женска верзија софтбол.

СКАЈ БРАУН (СКЕЈТБОРДИНГ)

Ако се квалификува на ЛОИ, до што е многу блиску, Браун ќе има само 15 години и 12 дена на отворањето, со што ќе стане најмлад британски олимпиец на сите времиња. Браун, која е родена во Јапонија, толку многу напредуваше што многумина ѝ предвидуваат и медал.

ЈАЊА ГАРНБРЕТ (СПОРТСКО КАЧУВАЊЕ)

Дваесетгодишната Словенка треба да биде една од најголемите фаворитки во овој атрактивен спорт. Ја опишуваат како „реинкарниран коати“ поради нејзината способност да качува ѕидови и лани стана прва натпреварувачка која победила на сите настани од Светскиот куп.

СТЕФАНИ ГИЛМОР (СУРФАЊЕ)

Седумкратната светска шампионка ќе ја претставува Австралија заедно со Сели Фицгибонс. Триесет и едногодишната Гилмор веќе цела деценија е едно од заштитните лица на овој спорт, а друга голема конкурентка ќе ѝ биде Кариса Мур од Хаваи.

НАЈЏА ХЈУСТОН (СКЕЈТБОРДИНГ)

Со три светски титули зад себе, 25-годишниот Хјустон важи за еден од најголемите фаворити за злато во машка конкуренција. Тој има 3,7 милиони следбеници на Инстаграм, богат договор со „Најки“ и има заработено најмногу пари во овој спорт откако дебитираше во Икс игрите на 11 години.