Оперскиот пејач Владимир Саздовски седум месеци соработува со италијанскиот менаџер и продуцент Марио Дради, застапник на најпознатите светски музички ѕвезди во класиката, Лучано Павароти, Пласидо Доминго, Хозе Карерас и диригентот Зубин Мехта. Дради е автор и на популарниот проект со нив, „Три тенори“ од 90-ите години на минатиот век, кој функционираше до 2003 година.
Саздовски, кој работи како бас во Македонската опера и балет од 2006 година, ни раскажа дека дознал за аудиција во театарот „Сан Карло“ во Неапол од италијански колега кој пеел во „Севилскиот берберин“ во МОБ.
Аудицијата била за трилогија на Моцарт, „Така прават сите“, „Свадбата на Фигаро“ и „Дон Џовани“, која се подготвувала за гостување во Дубаи, во продукција на „ДМ артист“ на Дради.
Саздовски испратил аудио и видео запис, биографија и фотографии и по три дена добил е-пошта да дојде на аудиција во Неапол.
Имало голем број на пријавени и селектирани и по пробите, Саздовски бил ангажиран за улогата на Лепорело во „Дон Џовани“ во Дубаи, а за другите две пеел како замена.
Оттаму заминал за Сасари на Сардинија, кадешто пеел во „Турандот“, па во операта „Евгениј Онегин“ во театрите во Трст и во Удине.
„Напорно е, стресно, но, сепак, уживам во работата. Имам можност да работам со оперски пејачи кои пееле во Метрополитен и Скала. Пробите и настапите ни се со месеци однапред најавени и планирани, директорот е постојано на проби, па не се дозволени грешки. Нема суфлери, мора да се внимава на дикцијата, сѐ треба да е под конец. Колку и да е убава работата, тешко ми е без фамилијата“, ни рече Владимир.
Тој додава оти секоја претстава ја следат музички критичари, а според критиките се водат и агентите и директорите на театрите.
Задоволен е оти досега имал позитивни критики, освен една забелешка, дека треба да внимава на изговорот.
„Во македонскиот јазик немаме двогласи, па затоа ми укажаа дека треба да внимавам при изговор на ‘addio’ или ‘bella’“, вели тој.
Саздовски вели дека е букиран до октомври, го очекуваат настапи во Италија и во Кина.
„Треба многу посветеност, се разбира и вежбање, но сметам дека е многу важна и среќата, како и да знаеш да ја препознаеш и искористиш шансата“, вели оперскиот пејач.
Б. НЕСТОРОСКА