Уличното дефиле и претстава „Сонот на Ербер“, како и видео-мапингот „Франција во светлина“ на Емил Петро, кои требаше да се одржат вечерва (29 јуни) од 21 часот во Скопје се откажани, информираат од Францускиот институт во Скопје и фестивалот Скопско лето.
Уметниците од француската трупа „Кидам“ ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, поради задоцнети и откажани летови, поради невремето што изминатиов период ја зафати западна Европа.
Претставата требаше да се одржи како затворање на прославата на 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје. Француската театарска трупа има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
Маршрутата на дефилето требаше да почне од Музејот на Град Скопје, преку улицата Македонија и Камениот мост, до плоштадот Карпошово востание.